Трансплантација

transplantacijazaweb

Трансплантацијата на органи може да го продолжи животот и значајно да влијае на подобрување на квалитетот на живот на многу пациенти.

За пациенти со дијагноза хронично откажување на органот, трансплантацијата на органи е единствен начин на лекување. Со трансплантацијата се постигнува максимална медицинска, лична и социјална рехабилитација на болниот.1



Што е трансплантација? 

Трансплантација е хируршка интервенција при која на болниот (примател) му се пресадува здрав орган од жив дарител или кадавер (починато лице). Трансплантацијата се изведува кога некој орган на примателот повеќе не функционира или е трајно оштетена неговата функција при повреда или болест. Трансплантацијата на органи можe да го продолжи животот и значајно влијае на подобрување на квалитетот на живот на многу пациенти кај кои е дијагностицирана хронична болест на бубрези, црн дроб или срце. Пациентите со хронична бубрежна болест можат да се лекуваат со дијализа, но сепак најдобро решение за нив е да добијат нов бубрег. Во случај на хронична слабост на црн дроб, срце или бели дробови, трансплантацијата е единствено решение.

Одлуката за трансплантација е тешка како за примателот така и за дарителот на органот и нивните семејства и бара посебни процедури, знаење и посветена работа на тимовите за трансплантација.

Кои органи може да се трансплантираат:

· бубрег

· црн дроб 

· панкреас

· истовремено бубрег/панкреас

· срце

· бели дробови

· истовремено срце/бели дробови

· црева итн.

Проблем на отфрлање на трансплантираниот орган

Најголема закана за трансплантираниот пациент е рано отфрлање на трансплантираниот орган под влијание на сопствениот имун систем. Поради тоа неопходно е пациентите во континуитет да земаат лекови кои ќе го супримираат имуниот одговор и ќе го спречат отфрлањето. Отфрлање на новиот бубрег води до губиток на трансплантираниот орган и враќање на дијализа. За пациенти со трансплантирано срце, црн дроб или бел дроб, губиток на трансплантираниот орган претставува моментален ризик по животот на пациентот. Со имуносупресивна терапија на болните не само што им се продолжува животот, туку им се подобрува и квалитетот на живот. Обично се препорачува комбинација на неколку имуносупресивни лекови, а терапијата е доживотна или додека е функционален трансплантираниот орган.1

Референци:

  1. Ивановски Н.: Интерна Медицина ISBN 99-89-50-071-1; 2003:1039-1043.