Трансплантација на црн дроб

transplantacijanacrndrobzaweb

Кај пациенти со тешки заболувања на црниот дроб, трансплантацијата е единствена опција. Трансплантацијата или пресадување на црн дроб, денес е широко прифатена метода за лекување на акутна или хронична слабост на црн дроб. Понекогаш тоа е единствена метода за лекување на болни во терминален стадиум на болеста на црниот дроб. Успешната трансплантација овозможува нов живот, но и подобар квалитет на живот, па многу лица можат да се вратат на нормалните животни и работни активности веднаш по трансплантација.


Видови на трансплантации :

Постојат два вида на трансплантација на црн дроб:
- кадаверична, кога црниот дроб е добиен од починато лице со мозочна смрт и

- “living donor” кога се зема дел од црниот дроб од жив дарител и се пресадува на примател.

Постои и “split liver” трансплантација кога црниот дроб од кадаверичен дарителот се дели на два дела и се пресадува на двајца приматели.

Во кои случаи не е дозволена трансплантацијата на црн дроб?

Трансплантација на црн дроб е апсолутно контраиндицирана кога е присутна малигна болест со метастази, кога постои сепса (генерализирана инфекција која не е под контрола), кога постои иреверзибилно оштетување на срцето и белите дробови, кога болниот е зависен од алкохол или дрога и кога е присутна некоја тешка психијатриска болест.

Постои и релативна контраиндикација - состојби кога за трансплантација се одлучува индивидуално, од случај до случај. Релативна контраиндикација имаат пациентите со:

· хроничен хепатитис Б;

· хроничен хепатитис Ц;

· тромбоза на vena porte;

· возраст над 65 години и слично.

Компликации при трансплантација на црн дроб:

Најчести компликации при трансплантација на црн дроб се:

- хируршки компликации: крварење, тромбоза на крвни садови, истекување на жолчка на анастомозата на главниот жолчен сад;

- отфрлање на пресадениот црн дроб: одговор на имунолошкиот  систем  (многу почесто кај трансплантација на бубрег);

-  намалување на функција на пресадениот црн дроб може да се јави како последица на условите на чување во посебна течност и мраз во текот на трансплантација,

- инфекција: во првите денови после трансплантација најчести се бактериски инфекции, а после три месеци поголема е склоноста кон вирусни инфекции од кои најчести се цитомегаловирус (CMV) и херпес вирус. Поради земање на имуносупресивни лекови и намалена функција на имунолошкиот систем постои поголема склоност кон инфекции, особено во првите години после трансплантација.

Имуносупресивни лекови

Имуносупресивните лекови се исто така неодминлив дел од трансплантацијата на органи. Тие имаат улога во превенција на отфрлање на пресадениот орган намалувајќи ја реакцијата на организмот кон истиот. Обично се комбинираат два или три имуносупресивни лека, а кои лекови ќе се употребуваат зависи од карактеристиките на примателот, компатибилноста на примателот и дарителот и од органот кој се трансплантира. Оваа терапија најчесто е или доживотна или се додека трае функцијата на пресадениот орган.1

Пресадениот црн дроб, ако не е пресаден од еднојајчени близнаци, претставува страно тело кое организмот настојува да го отфрли. За да се спречи отфрлање, потребно е да се земаат лекови против отфрлање (имуносупресивни лекови). Постојат различни комбинации на имуносупресивни лекови (имуносупресивни протоколи), но заедничко за сите нив е дека треба да се земаат доживотно, односно додека трае функцијата на пресадениот орган.1

Во принцип, интензитетот на имуносупресивното лекување е поголем на раната фаза веднаш после трансплантација, а подоцна се намалува.  Болните со трансплантиран црн дроб мораат редовно да се контролираат. Веднаш по заминување од болница потребни се доста чести контроли, каде освен испитување на општата состојба потребно е да се направат и лабораториски наоди. Особено важни се оние кои ја покажуваат функцијата на трансплантираниот црн дроб и концентрацијата на некои имуносупресивни лекови во крвта. Обично во почетокот контролите се прават во центарот за трансплантација, а подоцна дел од контролите можат да се направат кај надлежниот специјалист. Со тек на време контролите се прават на подолг временски интервал.

За жал, имуносупресивните лекови не делуваат само на спречување на отфрлање на пресадениот орган, а имаат и други бројни несакани ефекти. Особено важна е намалената отпорност кон инфекции. Ниту во светот ниту кај нас протоколите за лекување со имуносупресивни лекови не се исти за сите пациенти. Тимот за трансплантација одлучува за употреба на еден или друг имуносупресивен протокол во согласност со резултатите објавени во клиничките истражувања и врз основа на своето искуство.


Референци:

  1. Ивановски Н.: Интерна Медицина ISBN 99-89-50-071-1; 2003:1039-1043.