Трансплантација на бубрег

transplantacijanabubregzaweb

Трансплантација или пресадување на бубрег е еден од начините на лекување на пациенти со терминален стадиум на хронична бубрежна болест. Најчеста причина за појава на  хронична бубрежна болест е шеќерна болест (Diabetes mellitus).1 Неконтролиран или слабо контролиран покачен крвен притисок е втора по ред причина за појава на хронична бубрежна болест.Други причини кои можат да доведат до хронична бубрежна болест се: полицистична болест на бубрезите, автоимуни болести, хроничен гломерулонефритис, вродени аномалии на бубрези, хроничен пиелонефритис, акутни инфекции и друго.

Историјат

Првата трансплантација на бубрег во Европа е изведена во 1953 година во Париз, Франција, од жив дарител, од мајка на дете. Првата успешна  трансплантација во САД е изведена во Бостон во 1954 година, додека во Европа првата успешна трансплантација е изведена во Париз во 1959 година. Од тогаш наваму направен е голем чекор напред во оваа област. Во Македонија првата трансплантација на бубрег е изведена во 1977 година во Скопје, додека со рутинска работа е започнато во 1987 година. Денес трансплантацијата на бубрези се изведува ширум светот како рутинска процедура, а најголем проблем претставува ограничениот број на расположливи органи за трансплантација.

Едногодишно преживување на трансплантиран бубрег е околу 85-90% а инциденцата на смртност на лице со трансплантиран бубрег е многу мала. Овие резултати зависат од многу параметри - возрасни приматели, лица кои повторно се трансплантираат после отфрлен трансплантиран бубрег, високосензитивни лица, лица со кардиоваскуларни заболувања. Сите овие лица имаат поголем ризик од смртен исход после трансплантација и од губиток на бубрегот. Деца кои имаат хронична бубрежна болест имаат значајно поголема шанса за долготрајно преживување после трансплантација, за разлика од лекување со хроничен дијализен третман. Еден од најважните фактори за губење на бубрегот и смрт после трансплантација е времето поминато на хемодијализа. Очекувано е долгорочно преживување на трансплантираниот бубрег само ако во текот на првата година не се јавила компликација која би довела до слабеење на неговата функција (на пример епизода на акутно отфрлање). Очекуван полуживот на трансплантираниот бубрег изнесува 10 до 15 години ако бубрегот е трансплантиран од мртов дарител (кадавер), а подолго ако е трансплантиран од жив (сроден или несроден) дарител.

Со трансплантацијата се постигнува максимална медицинска, лична и социјална рехабилитација на болниот.2

Трансплантацијата на бубрег е хируршка процедура при која здравиот бубрег на дaрителот се пресадува во долниот дел на стомакот на примателот при што артериите и вените на новиот бубрег се поврзуваат со артериите и вените на примателот. Мочоводот на пресадениот бубрег се припојува на мочниот меур на примателот. Овој нов бубрег ја превзема работата на постоечките два бубрези кои престанале да функционираат. Доколку не предизвикуваат инфекции или висок крвен притисок постоечките бубрези не се отстрануваат.3

На трансплантација на бубрег може да подлежат сите пациенти кои се во терминален стадиум на хронична бубрежна болест вклучувајќи ги оние кои одат на дијализа (хемодијализа или перитонеална) како и оние кои сеуште не се на дијализа но се многу блиску до терминален стадиум на бубрежна болест. Оние болни кои имаат жив дарител добро е да се планира трансплантација непосредно пред да се започне лекување со дијализа. На тој начин се избегнува дијализа, тоа е таканаречена преемптивна трансплантација.


Референци:

  1. Преваленца на хронична бубрежна болест во Република Македонија: СКРОББ студија, Оливера Стојчева Танева1, Наташа Ефтимовска1, Бети Зафирова2, Ѓулшен Селим1, Билјана Герасимовска Таневска1,Катица Зафировска1, 1 Универзитетска клиника за нефрологија Скопје, 2 Институт за епидемиологија и биостатистика Скопје.
  2. Ивановски Н.: Интерна Медицина ISBN 99-89-50-071-1; 2003:1039-1043.
  3. National Kidney and Urologic Diseases Information, http://kidney.niddk.nih.gov/kudiseases/pubs/transplant/#fail, пристапено 25.09.2014 година.