Улога на Б-клетки во МС

x

Неколку клинички студии и истражување докажале дека Б-клетките играат клучна улога во патофизиологијата на мултипла склероза (МС) преку неколку механизми:

  • антиген презентација1
  • продукција на цитокини2,3 
  • продукција на антитела1
  • формирање на ектопични лимфоидни фоликул-слични структури4

 

Антиген презентација1

 

Презентацијата на антигени може да игра важна улога во имунолошкиот одговор. Б клетките може да препознаат и интернализираат специфични антигени. Интраклеточното процесирање создава фрагменти од антигени кои последователно се прикажуваат на површината на Б клетките. Предклиничките модели сугерираат дека преку антигенска презентација и ко-стимулација, автореактивните Б клетки во ЦНС може да ги активираат Т клетките за про-инфламаторен одговор. Во тек на овие интеракции Б клетките истотака добиваат сигнали од Т клетките за активација и пролиферација.

Продукција на цитокини2,3

 

Имуните клетки ја координираат нивната активност преку ослободување на сигнални молекули познати како цитокини. Б клетките ослободуваат различни цитокини, при што некои од нив промовираат воспаление а пак други може да имаат протективна улога. Регистрирано е дека Б клетките кај пациентите со МС се повеќе склони кон продукција на инфламаторни цитокини а помалку на протективни цитокини во споредба со здравите индивидуи.

Продукција  на антитела1

 

Антителата може да се сметаат како клучни ефектори на хуморалниот имунитет. Предклиничките податоци покажуваат дека Б клетките, вклучувајќи ги и автореактивните Б клетки, може да се диференцираат во плазма клетки кои продуцираат антитела, кои се врзуваат за миелинските обвивки и олигодендроцитите. Врзаните антитела може да индуцираат таложење на протеински комплементи на површината на ткивата при што предизвикуваат оштетување. Антителата истотака може да ги активираат и другите имунолошки клетки како макрофаги или клетки природни убијци.

Формирање на ектопични лимфоидни фоликул-слични структури4

 

Во менингите на пациентите со МС, Б клектите може да формираат ектопични лимфоидни фоликул-слични структури или герминални центри. Овие структури содржат активирани Б клетки и фоликуларни дендритски клетки во прилог на Т клетки, и може да промовираат тековна активација на Т клетките во мозокот. Ектопичните лимфоидни структури може да бидат асоцирани со микроглиална активација, локална инфламација и губиток на неврони во кортексот.

Сумарно, Б клетките кои ги таргетираат нервните структури подлегнуваат на абнормален развој, ја заобиколуваат толеранцијата на имунолошките контролни механизми и може да играат повеќекратна улога во патофизиологијата на МС. Во тек се истражувања насочени кон испитување на тоа дали селективното таргетирање на одредени рецептори присутни на Б клетките, може потенцијално да помогне во елиминација на специфични класи на Б клетки вклучувајќи ги и автореактивните Б клетки кои се патогени при МС.