Дијагностицирање

Анемијата се карактеризира со намален број на циркулирачки црвени крвни зрнца или намалени вредности за нивото на хемоглобинот (протеин сместен во црвените крвни зрнца) со функција да го транспортира кислородот низ организмот. Реналната анемија е скоро неизбежна карактеристика на хроничната бубрежна болест (ХББ) поради тоа што бубрезите имаат значајна улога во создавањето на црвените крвни зрнца. Иако реналната анемија има впечатливи симптоми, сепак дијагнозата може да биде потврдена само преку крвни тестови кои мора да се направат пред да се започне со лекување.  


Препорачаните дијагностички постапки опфаќаат:

  • одредување на концентрација на хемоглобин во крвта; 
  • вкупен број на црвени крвни зрнца во крвта;
  • индекс на црвените крвни зрнца – претставува однос помеѓу големината и содржината на хемоглобин во црвените крвни зрнца;
  • број на ретикулоцити – ја покажува застапеноста на процесот на формирање на црвени крвни зрнца;
  • одредување на концентрација на железо во крвта – ја покажува достапноста на железото за вградување во црвените крвни зрнца;
  • CRP - за проценка на присутно воспаление; 
  • разни тестови за проценка на губиток на крв од дигестивниот тракт.

Доколку се процени дека болниот има некои други причини за анемија, ќе се прошират дијагностичките процедури за одредување на различни витамини и хормони во серумот, тестови за хемолиза, електрофореза на протеини и многу други испитувања.

Дијагнозата на ренална анемија лекарот ќе ја постави ако постои значајно оштетување на бубрезите и ако со испитувањата не се потврди постоење на некоја друга причина за анемија.