Дијализа

Во крајниот 5 стадиум на хронична бубрежна болест потребна е бубрежна заместителна терапија, при што пациентите се подложуваат на дијализа (перитонеална или хемодијализа) или трансплантација на бубрег.

Хемодијализата е начин крвта да циркулира надвор од телото низ специјални филтри во апаратите за дијализа со цел да се отстранат деградационите продукти, токсини.1 Потоа крвта се враќа во телото. Апаратот за дијализа извршува три важни функции: ги отстранува отпадните продукти од крвта, ја пумпа крвта низ дијализерот, и го мери крвниот притисок и количеството на течности отстранети од организмот. За да се изведе хемодијализата потребни се специјални пристапи до крвта во крвните садови (катетер) кои може да бидат привремени и трајни. Хемодијализата се изведува во специјално уредени дијализни центри. Пациентите најчесто имаат три третмани неделно при што тие остануваат приклучени на апаратот околу 3-4 часа.

Кај перитонеалната дијализа процесот на прочистување на крвта се одвива во телото на пациентот. Притоа се користи постојан перитонеален катетер кој служи за полнење на абдоминалната празнина на пациентот со течност за прочистување (дијализат), а прочистувањето настанува преку перитонеалната мембрана на стомакот која овозможува отпадните продукти и вишокот на течности да се отстранат од крвта во течноста за прочистување (дијализатот).2 По одредено време дијализатот треба да се издренира од абдоминалната празнина на пациентот. Перитонеалната дијализа може да се изведува и во домашни услови.

Референци:

  1. Tolkoff-Rubin N. Treatment of irreversible renal failure. In: Goldman L, Ausiello D, eds. Cecil Textbook of Medicine. 23rd ed. Philadelphia, Pa: Saunders Elsevier;2007:chap 133
  2. National Kidney and Urologic Diseases Information Clearinghouse.  http://kidney.niddk.nih.gov/kudiseases/pubs/peritoneal/index.htm. пристапено на 03.10.2014 год.