Третман на ХЛЛ

Бидејќи хроничната лимфоцитна леукемија (ХЛЛ) е спорорастечка болест, повеќето од пациентите немаат потреба од третман веднаш после поставување на дијагнозата. Генерално, докторите кај пациенти со низок ризик не ја лекуваат болеста туку ја мониторираат и следат без потреба од третман (watch and wait). Пациентите со среден ризик се лекуваат доколку им се влоши нивната болеста или симптомите, додека лекувањето е потребно веднаш кај пациенти со висок ризик.

Денес, најголем предизвик во лекувањето на ХЛЛ е пронаоѓање на третман кој ќе биде прифатлив (со висока толерабилност) и ефикасен (намали симптомите) за пациентите.

Цел на третманот, покрај постигнување на подолго преживување, е и контрола на болеста со намалување или елиминирање на симптомите (ремисија на болеста). Долготрајната ремисија им овозможува на пациентите подолг период без потреба од примање на терапија, што значи дека пациентите се слободни без чести потреби за посета на болница или контроли. Кај сите стадиуми на ХЛЛ, средното преживување е од 18 месеци до повеќе од 10 години.1

 

Различни типови на третман се достапни за пациентите со ХЛЛ. Тие вклучуваат:

Хемотерапија

Хемотерапијата е системска терапија која го стопира растот на малигните клетки, или преку убивање на клетките или преку стопирање на нивната делба. Се применуваат различни цитостатици и нивни комбинации.

Терапија со моноклонални антитела

Користење на антитела направени во лабораторија од еден тип на имуна клетка. Овие антитела можат да го препознаат рецепторот на малигната клетка или рецепторот на нормалните клетки кои им помогнаат на малигните клетки да растат. Антителата се врзуваат за рецепторите и ги убиваат малигните клетки, го блокираат нивниот раст или го спречуваат нивното ширење без негативно влијание врз здравите клетки.

Некои третмани се даваат до прогресија на болеста, понекогаш и во тек на неколку години. Други се даваат во тек на одреден, краток период кој им овозможува на пациентите значајно време без примање на терапија се до прогресија на болеста.  

Зрачна терапија

Локален облик на лекување, која се применува со цел постигнување на локална контрола на болеста. Се применува кога туморот е ограничен на мало подрачје. Во лекување на напредната ХЛЛ има занемарлива улога, само за ублажување на симптомите.

Хемотерапија со трансплантација на матични стем клетки

Нов тип на третман кој се тестира во клинички студии.

Метод на давање високи дози на хемотерапија кој е пропратен со инфузија на клетките од коскената срцевина способни да ги заменат крвно формирачките клетки кои се уништени од страна на хемотерапијата. Матичните стем клетки се добиени од крвта или коскената срцевина на пациентот или од донор и можат да бидат замрзнати и зачувани. Откако хемотерапијата е завршена, зачуваните матични клетки се одмрзнуваат и се враќаат кај пациентот преку инфузија. Овие ре-инфузирачки матични клетки растат и се развиваат во телото.

И покрај направениот напредок во лекувањето кое им овозможува на пациентите со ХЛЛ бенефит од долготрајна контрола на болеста без потреба од дополнителен третман, сеуште не постои целосно излекување на хроничната лимфоцитна леукемија. Сеуште се потребни дополнителни истражувања и пронаоѓања на нови третмански опции во справување со оваа болест.

 

Референци:

  1. Eichhorst, B et al (2011) Chronic lymphocytic leukemia: ESMO Clinical Practice Guidelines for diagnosis, treatment and follow-up. Достапно на: http://annonc.oxfordjournals.org/content/22/suppl_6/vi50.long. Пристапено на 30.05.2013 год.