Што е ангиогенеза ?

Процесот на создавање на крвни садови во туморот претставува еден од клучните процеси одговорни за раст и метастазирање на туморот. Овој процес се нарекува ангиогенеза. Зборот ангиогенеза потекнува од двата старогрчки збора: “angio” во превод крвни садови, и “genesis” што значи почеток, создавање.

Туморската ангиогенеза е процес на создавање и раст на мрежа од крвни садови околу туморот и нивен раст во туморската маса, со што се овозможува снабдување на туморот со хранливи материи и кислород, неопходни за негов раст и метастазирање.1

Процесот на туморска ангиогенеза започнува со излачување на одредени хемиски материи, наречени фактори за раст од страна на туморските клетки. Овие сигнали ги поттикнуваат нормалните крвни садови од околината на туморот да започнат да растат и да создаваат свои изданоци кон туморот. Постојат повеќе видови на ангиогенезни фактори за раст, но еден од најважните е таканаречен васкуларен ендотелијален фактор за растна англиски: vascular endothelial growth factor или VEGF.2 Тој ги поттикнува на раст клетките кои го градат внатрешниот ѕид на крвните садови, а се нарекуваат ендотелијални клетки.

Процесот на создавање на туморски крвни садови е клучен и неопходен за растот на туморите поголеми од 1-2 милиметри. Туморите помали од 2 милиметри може да се исхрануваат со користење на хранливите материи од околината, но за нивен понатамошен раст, неопходни се нови, туморски крвни садови. Експериментално е докажано дека блокирајќи го ендотелијалниот фактор за раст се постигнува туморот да порасне само до големина од 1-2 милиметри, а потоа да стагнира.

Научниците успеале овие важни сознанија да ги применат практично во лекување на ракот. Создале моноклонално антитело, кое селективно се врзува и ја неутрализира биолошката активност на хуманиот васкуларен ендотелијален фактор на раст (VEGF),  кој го лачат туморските клетки.3 Неутрализирајќи ја активноста на VEGF се редуцира прокрвеноста на туморите, со што се спречува нивниот раст.3

Денес примената на анти-VEGF антителoто bevacizumab, насоченo против VEGF, во комбинација со хемотерапијата претставува стандарден современ третман на лекување на многу видови на рак.3

Референци:

  1. Hanahan D, Weinberg RA. Cell. 2000;100:57-70.
  2. Ferrara N. Endocr Rev. 2004;25:581-611.
  3. Збирен извештај за особините на лекот Avastin, број на одобрение за ставање на лек во промет: 15-2899/10, 15-2900/10 од 28.09.2010 год.