Тумори - поделба

 

Човековото тело е составено од многу видови на клетки. Овие клетки растат и се делат на контролиран начин со цел да се произведат нови клетки кои се потребни за да се зачува телото здраво. Кога клетките стануваат стари или оштетени тие умираат и се заменуваат со нови. Но понекогаш овој процес е нарушен.1

Абнормална маса на ткиво (тумор) настанува кога клетките се делат повеќе отколку што треба или кога тие не умираат кога треба. Туморите можат да бидат бенигни (тоа не е рак) или малигни (рак).1

  • Бенигните тумори не се рак. Тие најчесто можат да се отстранат и во повеќето случаи не се појавуваат повторно. Клетките од бенигните тумори не се шират во други делови на телото.1
  • Малигните тумори се рак. Клетките од овие тумори можат да извршат инвазија на блиските ткива и да се рашират во други делови од телото. Ширењето на ракот од едно место на телото на друго се нарекува метастазирање, а раселените туморски клетки формираат метастази.1

Рак (латински cancer) не е единствена болест туку заеднички израз за повеќе болести. Постојат повеќе од 100 видови на рак. Повеќето од нив името го добиле по органот или типот на клетки од кои настанале - на пример, ракот кој почнува во дебелото црево се нарекува колоректален карцином; ракот кој почнува од меланоцитите во кожата се нарекува меланом; ракот кој почнува од базалните клетки на кожата се нарекува базоцелуларен карцином.1

Типовите на рак можат да се групираат во повеќе категории.1

Главните категории се:

  • Карцином – во оваа група спаѓаат околу 80% од сите малигни болести. Тука се ракот на дојка, дебело црево, бели дробови, простата, желудник, бубрег и други.
  • Сарком – рак кој се создава во коските, ’рскавиците, масното ткиво, мускулите, крвните садови или друго сврзно или потпорно ткиво.
  • Леукемија - рак кој се создава со малигна трансформација на ткивата кои учествуваат во создавањето на крвните клетки, како што се коскената срцевина и слезината.
  • Лимфом и миелом – рак кој настанува од клетките на имуниот систем.
  • Рак на централниот нервен систем – рак кој се јавува во ткивата на мозокот и р’бетниот мозок.

 

 

Референци:

  1. National Cancer Institute, http://www.cancer.gov/cancertopics/what-is-cancer, пристапено на 17.09.2014 год.