Дефиниција

Ревматоидниот артритис (РА) е хронично, прогресивно автоимуно заболување на зглобовите. Од ревматоидниот артритис боледува околу 1% од возрасната популација.1

Причината за појава на РА е сеуште непозната, се смета дека лежи во комбинација на инфекција и генетска предиспозиција на болеста.

Болеста се карактеризира со хронично воспaление на синовијалната мембрана која со тек на време ги оштетува зглобовите и доведува до болка и инвалидитет.

За настанокот на ревматоидниот артритис денес се знае многу повеќе отколку порано, иако тоа е многу комплексен процес. Тоа всушност е автоимун одговор кој предизвикува инфилтрација на клетки во синовијалната мембрана на зглобот и секреција на цитокини (TNF, интерлеукини, фактори на раст) кои допринесуваат во прогресијата на воспалението, задебелување на синовијалната мембрана на зглобот и оштетување на рскавицата и коската.2,3

Крајниот резултат на заболувањето е деструкција на зглобот и исчашување.

Постојат значајни варијации помеѓу болните во поглед на брзината на оштетување на зглобовите, болката и појавата на инвалидитет.

Болеста води до чести отсуствувања од работното место, предвремени пензионирања, потреба од софистицирани ортопедски помагала, физикални терапии, корективни хируршки зафати и скапи лекови.1

Референци:

  1. Перчинкова М С, Чаловски Ј, Грличков М, Марина Н, Божиновски Г, Николовска Котевска М, Прирачник за лекување на ревматоидниот артритис, Универзитетска клиника за ревматологија, Скопје 2010: 5-8.
  2. Gravallese EM, Goldring SR. Cellular mechanisms and the role of cytokines in bone erosions in rheumatoid arthritis. Arthritis Rheum 2000;43:2143–2151.
  3. Harris ED Jr. Rheumatoid arthritis. Pathophysiology and implications for therapy.N Engl J Med 1990;322:1277–1289.1