Лекување

Се смета дека оштетувањето предизвикано од ревматоидниот артритис е неповратно, што значи дека на сите болни им е потребно итно и ефикасно лекување со цел да се сопре или успори напредувањето на болеста.1

Целта на современото лекување е спречување и контролирање на оштетувањето на зглобовите, спречување на губитокот на функцијата на зглобовите, намалување на болката и унапредување на квалитетот на живот на болните.2,3

Основни принципи на современото лекување на РА се:

· ран, активен и агресивен третман;

· брза промена на терапијата која не е доволно ефикасна;

· постигнување на ремисија на болеста, и одржување на постигнатата ремисија, што подолго со континуирана терапија.

Во терапевтскиот пристап на пациентите со ревматоиден артритис од голема важност е динамиката на следењето на болеста и на ефектите од терапијата. Со редовни контроли на пациентот, можат навреме да се воочат и да се одбегнат можните компликации на лекувањето, и се овозможува брза промена на терапијата која не е доволно ефикасна. Терапијата која покажува несакани реакции, недоволна ефикасност, или губиток на ефектот со текот на времето, треба брзо да се ревидира или да биде променета во период од најмногу 3-6 месеци.

Во третманот на РА се користат четири категории на лекови:

  • нестероидни антиревматици – НСАИЛ
  • лекови кои ја модифицираат болеста – DMARDs (disease-modifying antirheumatoid drugs)
  • гликокортикоиди
  • биолошки лекови – биолошки DMARDs
Скоро сите пациенти со ревматоиден артритис во текот на лекувањето имаат потреба од болест-модифицирачка терапија (DMARDs), и со ретки исклучоци, скоро сите користат повеќе од еден тип на лекови. Оптималната контрола на активноста на болеста, често бара комбинација на различни DMARDs, нестероидни антиревматици, гликокортикоиди или истовремена употреба на конвенционални и биолошки лекови кои ја модифицираат болеста.4

Референци:

  1. Weinblatt ME, Kremer JM, Bankhurst AD, Bulpitt KJ, Fleischmann RM, Fox RI, et al. A trial of etanercept, a recombinant tumor necrosis factor receptor:Fc fusion protein, in patients with rheumatoid arthritis receiving methotrexate. N Engl J Med 1999;340:253–259.
  2. American College of Rheumatology (ACR). American College of Rheumatology Subcommittee on Rheumatoid Arthritis Guidelines. Guidelines for the management of rheumatoid arthritis. Arthritis Rheum 2002;46:328–346.
  3. Combe B, Landewé R, Lukas C, Bolosiu HD, Breedveld FC, Dougados M, et al. EULAR recommendations for the management of early arthritis. Ann Rheum Dis 2006 (објавено 05.01.2006 год).
  4. Перчинкова М С, Чаловски Ј, Грличков М, Марина Н, Божиновски Г, Николовска Котевска М, Прирачник за лекување на ревматоидниот артритис, Универзитетска клиника за ревматологија, Скопје 2010: 5-8.