Во време на пандемија на коронавирус која се интензивира потребно е сите, како општата јавност така и здравствените работници и пациентите да бидат соодветно информирани. Со тоа сите ние ќе бидеме заштитени и ќе останеме здрави и живи.

И покрај тоа што податоците за COVID-19 кај пациентите со белодробни заболувања, а особено пациентите со ретки болести како идиопатска пулмонална фиброза во моментот се многу ограничени, се чини дека тие се изложени на поголем ризик од заразување. Повеќето пациенти со идиопатска пулмонална фиброза (ИПФ) поради нивната возраст или нивниот третман влегуваат во категорија на лица со „висок ризик“ на COVID-19. Исто така, оваа група на лица се соочува и со поголем ризик од компликации и затоа би се соочиле со потежок тек на болеста. Поради сето ова наведено, пациентите треба да преземат ригорозни мерки за заштита од коронавирусот. 

 

Општи препораки за пациенти со ИПФ

Сите долунаведени совети се општи и се однесуваат на лицата со дијагностицирана идиопатска пулмонална фиброза за време на пандемијата. Во многу случаи, советот за оваа група на пациенти е ист без оглед на нивната состојба. 

  • Разговорајте по телефон со Вашиот доктор, фармацевт и/или друг здравствен работник. Тие можат да Ви дадат соодветен совет како да се заштитите и како да продолжите со третманот и со менаџирањето на Вашата болест. Ова е совршено прифатлива пракса
  • Почитувајте ги Владините препораки и совети за социјално дистанцирање, изолирајте се, седете дома, работете од дома каде што тоа е можно
  • Доколку немате можност да работите од дома, на работното место одржувајте растојание од најмалку еден метар (подобро два) од колегите кај кои се присутни респираторни симптоми, предложете им да носат маска
  • Избегнувајте посети во Вашиот дом на лица од Вашето семејство или пријатели со респираторни симптоми и/или ако доаѓаат од ризични места
  • Избегнувајте гужви или големи собири
  • Избегнувајте патувања, седете дома колку што е можно повеќе
  • Одржувајте редовна хигиена на рацете преку миење со топла вода и сапун 20 секунди
  • Доколку немате сапун и вода користете средство за дезинфекција на раце кое содржи најмалку 60% алкохол
  • Одржувајте хигиена и во домот/работното место
  • Не ги допирајте устата, носот и очите со неизмиени раце
  • Бидете сигурни дека имате доволно средства во Вашиот дом за неколку недели, во случај да сте ограничени да излегувате или да треба да бидете изолирани. Ова вклучува храна, лекови и средства за домаќинство. Размислете за алтернативни начини за достава на храна и лекови во домот преку роднини, пријатели или сервиси за достава

 

За пациентите кои се на третман со антифибротски лекови (на пр. pirfenidone) се смета дека немаат поголем специфичен ризик за COVID-19 поради третманот кој го користат. Нивните ризик фактори можат да бидат возраста и основната белодробна болест, како и други евентуални коморбидитети (придружни болести). За тоа, нема потреба да се прекинува или модифицира препорачаниот третман. 

Специфични препораки за пациентите на третман со антифибротски лекови

  • Редовно земајте ги Вашите лекови според препорачаната доза и шема на земање, доколку нема појава на поголеми несакани ефекти. Целта на континуираниот третман е да се обезбеди непрекинат интензитет на дозата на лекот, за да се избегне негативно влијание врз прогнозата на болеста, а воедно да не се изложите на дополнителен ризик
  • Размислете за алтернативни начини за достава на таблетарната антифибротска терапија преку роднини, пријатели, избегнувајќи посети на клиниката
  • Доколку е можно, во договор со Вашиот лекар, одложете ги редовните посети за контролни прегледи и останати потреби ако Вашата состојба е стабилна. Разговарајте со Вашиот доктор, фармацевт и/или медицинска сестра преку телефон доколку е потребно
  • Сепак, во случаи кога функцијата на Вашите бели дробови е намалена и не се чувствувате добро веднаш консултирајте се со Вашиот лекар

 

Доколку кај пациент со ИПФ е дијагностицирана COVID-19 инфекција, треба да се ревидира стандардниот план за менаџмент на болеста во насока на одложување или промена на третманот исто како што е случај кај сите пациенти со активна инфекција. Оваа ситуација е нова за сите засегнати и брзо се развива, па препораките може и да се ажурираат. 

 

Извори:

  1. World Health Organisation, 2020. Coronavirus disease (COVID-19) advice for the public, достапно на: https://www.who.int/emergencies/diseases/novel-coronavirus-2019/advice-for-public.
  2. The European Lung Foundation (ELF), COVID-19 – YOUR QUESTIONS ANSWERED BY A RESPIRATORY EXPERT, достапно на: https://www.europeanlung.org/en/QA-covid-19, пристапено: 25.03.2020.
  3. Министерство за здравство, Република Северна Македонија, 2020. Сите информации, препораки, прашања, одговори и вистини за корона вирусот, достапно на: http://zdravstvo.gov.mk/korona-virus/.
  4. British Thoracic Society, British Thoracic Society Advice for Managing Interstitial Lung Disease Patients during COVID-19 pandemic, достапно на: https://www.brit-thoracic.org.uk/media/455101/bts-management-advice-for-ild-patients-v10-23-march-2020.pdf, пристапено: 25.03.2020.