Пренесување и превенција

Вирусот на хепатитис Б лесно се пренесува преку контакт со крв или други телесни течности од заразени лица и по сексуален пат. Вирусот е многу заразен, дури 50 до 100 пати повеќе од ХИВ.

Може да се најде во сите телесни течности кај заразената индивидуа (крв, плунка, пот, семена течност, вагинален секрет, менструална крв, мајчино млеко, солзи и урина). Вирусот може да преживее во надворешна средина подолго време (дури до 7 дена), што го прави особено заразен.1

Најчести начини на пренесување на инфекцијата се:

  • вертикална/перинатална трансмисија (од мајка на дете);
  • хоризонтална трансмисија (од друг инфициран човек) преку:
    • сексуален контакт;
    • примање на заразена крв или крвни продукти;
    • употреба на нестерилни игли и шприцеви;
    • игли за акупунктура;
    • инструменти за тетовирање;
    • користење прибор за лична хигиена загаден со крв (пр. бричеви).

Превенција

Денес постои сигурна и ефикасна вакцина со која може да се спречи ХБВ-инфекцијата.2

Вакцинацијата се спроведува во три дози: првата и втората со растојание од еден месец, а третата 5 месеци по втората доза.

За спречување на ширењето на хепатитисот Б многу е важна здравствената едукација на општата популација, спречување на преносот преку полов контакт со правилна употреба на кондоми, користење на стерилни инструменти и материјал за еднократна употреба и правилна стерилизација на инструментите во хируршката и стоматолошката пракса.

Референци:

  1. WHO. Hepatitis B fact sheet 204. July 2014. www.who.int/mediacentre/factsheets/fs204/en/. пристапено на 01.10.2014 год.
  2. WHO. Hepatitis B, Immunization, Vaccines and Biologicals.  http://www.who.int/immunization/diseases/hepatitisB/en/. пристапено на 01.10.2014 год.