Дијагноза

ХЦВ инфекцијата може да се открие многу едноставно, преку неколку дијагностички тестови.

1. Тестови кои ги детектираат анти-ХЦВ антителата (маркери за ХЦВ)

Овие тестови го детектираат присуството на специфични антитела кои ги создава организмот заразен со вирусот на хепатитис Ц. На тој начин се докажува дали лицето некогаш било во контакт со вирусот, но не и дали во моментот боледува од хепатитис Ц. Ова е првиот чекор во специфичната дијагноза и ако тестот е позитивен, треба да се испита дали има присуство на вирус во крвта.

  • Anti-HCV БРЗИ ТЕСТОВИ (брзи, евтини, имаат голема специфичност и сензитивност).
  • Anti-HCV ЕЛИСАТЕСТОВИ.

2. Докажување на вирусната HCV RNA во крвта

  • PCR ТЕСТИРАЊЕ (според англ. Polymerase Chain Reaction или полимераза верижна реакција)

Овој тест го открива присуството на вирусот во крвта и ни е показател за активна вирусна инфекција.

Тестот може да биде квалитативен (се одредува присуство/отсуство на вирусот) или квантитативен (ја мери количината на вирусот во крвта; се изразува со број на копии-вирус во 1 ml крв или со IU/ml, т.е. интернационални единици во 1 ml крв).

Ако пациентот е PCR позитивен, што е потврда за активна вирусна инфекција, тогаш треба да продолжи со целокупната дијагностичка процедура.

  • ГЕНОТИПИЗАЦИЈА

Одредувањето на генотипот на вирусот е неопходно заради одредување на должината на терапијата, како и за проценка на можниот успех на терапијата.

3. Неспецифични тестови со кои се оценува оштетувањето на црниот дроб

  • ХЕПАТАЛНИ ТЕСТОВИ

ALT и AST се двата најбитни црнодробни ензими кои се нарекуваат аминотрансферази и се покачуваат кога постои воспалителен процес во црниот дроб. Кај некои пациенти со хепатитис Ц овие ензими можат да бидат во границите на нормалата или благо покачени, но тоа не значи дека болеста е во мирување. Поради тоа вредноста на ALT не треба да се разгледува одделно, туку само како еден од групата параметри кои служат за проценка дали пациентот е погоден за терапија.1

  • БИОПСИЈА

Биопсијата на црниот дроб е едноставна дијагностичка процедура при која под локална анестезија, со тенка игла, се зема мало парченце од ткивото на црниот дроб. Со биопсијата се одредува степенот на оштетувањето на црниот дроб и стадиумот на фиброзата.

Ако докторот смета дека треба да се спроведе терапија, тогаш се неопходни и дополнителни анализи како, на пример, испитување на тироидните хормони (TSH, fT4) заради исклучување на болести на тироидната жлезда, испитување на автоимуни антитела (ANA, AMA, ASMA...) заради исклучување на автоимуни заболувања и друго.

Референци:

  1. NIH, Канадски консензус 2007 година.