Клиничка слика

Хепатитисот Ц се нарекува и „тивок убиец“ бидејќи кај заболените ретко се јавуваат симптомите на болеста сè додека не настане напреднато оштетување на црниот дроб. Процесот на уништување на црниот дроб може да биде брз или да трае со години. Голем дел од заразените остануваат недијагностицирани и можат да ја прошират инфекцијата. Затоа скринингот и раната дијагноза се многу значајни за да му се застане на патот на овој здравствен проблем.

Од друга страна, кај веќе дијагностицираните пациенти потребна е навремена терапија за да се спречи напредувањето на болеста и спречување на последиците од долготрајната инфекција.

АКУТЕН ХЕПАТИТИС Ц:

Раната инфекција, од страна на пациентите, може да помине незабележано бидејќи е најчесто асимптоматска или со благи неспецифични симптоми:

· мачнина;

· замор;

· слабост;

· тапа болка под десниот ребрен лак.

Најтешкиот (фулминантен) облик е многу редок. Најчесто, кај околу 75-85% од болните болеста преминува во хроничен хепатитис Ц.1

ХРОНИЧЕН ХЕПАТИТИС:

Ако инфекцијата трае подолго од 6 месеци, станува збор за хроничен хепатитис.

Само кај 15-25% од пациентите имуниот систем успева сам да се избори со вирусот.

Кај останатите 80% инфекцијата преминува во хронична.1 Кај овие пациенти може да се очекува развој на компликации во наредните 10-30 години.

Кај околу 20% од пациентите болеста прогредира во цироза. Од нив:

· 1-4% годишно добиваат хепатоцелуларен карцином;

· кај 20% од пациентите може да се јави декомпензирана цироза со крвавења од варикси на хранопроводот;

· задршка на течности (асцит, отоци);

· жолтило на кожата и слузниците;

· психички пореметувања.

Клиничкиот тек на хроничниот хепатитис Ц е подмолен и долго време без симптоми. Затоа болеста се нарекува „тивок убиец“ и најчесто се открива случајно, при скрининг, систематски прегледи или предоперативни испитувања. Симптомите се општи и во почетокот не упатуваат на заболување на црниот дроб:

· малаксаност;

· замор;

· губиток на апетит;

· депресија;

· болки во мускулите и зглобовите;

· тапа болка под десниот ребрен лак.

Некогаш се јавуваат и екстрахепатални симптоми (хематолошки, дерматолошки, бубрежни, окуларни, ендокрини, васкуларни).2

Следниве фактори го забрзуваат напредувањето на болеста:

· прекумерна консумација на алкохол;3

· постара возраст во моментот на заразување;3

· машки пол;3

· коинфекција со ХИВ4 или ХБВ;5

· прекумерна телесна тежина;

· имуносупресија.

Референци:

  1. CDC. MMWR. 1998;47 (RR-19):1-39.
  2. Hadziyannis SJ. J Eur Acad Dermatol Venereol. 1998;10:12-21.
  3. Poynard T et al. Lancet. 1997;349:825-832.
  4. Di Martino V et al. Hepatology. 2001;34:1193-1199.
  5. Lana R et al. Med Clin (Barc). 2001;117:607-610.