Лекување

Луѓето со хроничен хепатитис Ц не можат да го отстранат вирусот од телото без терапија. За среќа, ова е болест за која постои лек. Пациентите кои до крај го завршуваат терапискиот третман имаат најголеми шанси за излекување.

Терапијата има за цел:

  • елиминација на вирусот и потполно излекување;
  • подобрување на состојбата на црниот дроб и успорување на прогресијата на заболувањето;
  • превенција од развој на компликации, како цироза и хепатоцелуларен карцином;1
  • подобрување на квалитетот на живот.

Стандард во лекувањето на хроничниот хепатитис Ц е комбинирана терапија:

  • Пегилиран интерферон (поткожна инјекција, еднаш неделно) и
  • Рибавирин (таблети, двапати дневно)
Пегилиран интерферон

Интерферонот е природен протеин кој во организмот го создаваат Т-лимфоцитите како одговор на борбата со вирусната инфекција. Пегилираниот интерферон е протеин обвиткан со полиетиленгликол (ПЕГ), молекула која го подобрува фармакокинетскиот профил на лекот, а со тоа ја зголемува клиничката ефикасност и ги намалува несаканите ефекти. Лекот има двојно дејство: директно антивирусно и имуномодулаторно.

Рибавиринот е орален антивирален агенс кој е синтетски аналог на гванозин.

Времетраењето на терапијата зависи од генотипот на вирусот:

  • генотип 1 и 4 се третираат 48 недели;
  • генотип 2 и 3 се третираат 24 недели.

Терапија и бременост

Рибавиринот може да има штетно влијание кај плодот, затоа бременоста мора да се избегнува во текот на лекувањето и шест месеци по неговото завршување. Партнерката на пациентот кој се лечи од хепатитис Ц исто така треба да избегнува бременост во текот на терапијата и шест месеци по завршувањето на истата.

Најдобра шанса за излекување на заболениот ќе му се овозможи ако:

· започне со лекувањето што е можно поскоро;

· истрае во правилното земање на лековите до самиот крај на терапијата;

· редовно го посетува својот докторот;

· е силно мотивиран за лекување, соработува и има поддршка од блиската околина.

Референци

  1. Peters MG et al. Medscape HIV/AIDS eJournal. 2002;8(1).