Пренесување и превенција
Вирусот на хепатитис Ц се пренесува преку директен контакт со заразена крв. Бидејќи раната болест нема јасни симптоми, честопати не може да се одреди времето и начинот на заразување.
Начините на пренесување на хепатитис Ц се:
· размена на игли меѓу интравенски корисници на опојни дроги;1
· хемодијализа;
· трансфузија на крв и крвни деривати непроверени за ХЦВ (пред 1992 год.);
· трансплантација на ткива и органи;
· тетовирање, пирсинг и циркумцизија (обрежување) со несоодветно стерилизирана опрема;
· користење на нестерилизирани игли, шприцеви и друга медицинска опрема;
· незаштитен сексуален контакт при кој може да се јави крвавење (и во текот на менструалниот циклус);
· употреба на заеднички прибор за лична хигиена на кој може да има исушена крв (четкички за заби, бричеви итн).
Сексуалното и перинаталното (од мајка на дете) пренесување е ретко. Ризикот за пренос од мајка на дете е 5% и не зависи од начинот на породување (природно или со царски рез).2
Кој треба да се тестира за хепатитис Ц?
· интравенски корисници на опојни дроги;
· пациенти кои примале трансфузија на крв или крвни деривати пред 1995 год.;
· пациенти кои често примале крв: лица со хемофилија, пациенти на хемодијализа или со трансплантирани органи;
· лица со тетоважа или пирсинг;
· лица со ризично сексуално однесување или сексуални партнери на ХЦВ-позитивни лица;
· новороденчиња на ХЦВ-инфицирани мајки (првата година anti-HCV тестот кај новороденчето ќе биде позитивен заради антителата од мајката, па само PCR-тестирањето е валидно.
· лица кои имаат симптоми на оштетување на црниот дроб (жолтило на кожата и видливите слузници, чешање на кожата, темна мочка и светол измет, клинички наод на зголемен црн дроб и слезина);
· личности кои имаат неспецифични симптоми подолго време (замор, губиток на апетит, чести болки во мускулите и зглобовите).
Хепатитисот Ц не се пренесува преку:
· вообичаени дневни активности (бакнување, гушкање, ракување, спортување);
· кивање, кашлање;
· употреба на заеднички прибор за јадење (чинии, лажици, вилушки, ножеви, чаши...);
· храна и вода.
ПРОТИВ ВИРУСОТ НА ХЕПАТИТИСОТ Ц НЕ ПОСТОИ ВАКЦИНА.
Меѓутоа, постојат едноставни начини како да се заштитиме:
· избегнувајте директен контакт со крв: повреди, завои, менструален циклус;
· предметите за еднократна употреба кои се загадени со крв уништувајте ги на правилен начин;
· не користете заеднички прибор за лична хигиена;
· избегнувајте високоризичен и незаштитен секс, како и секс за време на менструалниот циклус;
· тестирајте се ако постои некој ризик фактор;
· навремена терапија – веднаш по поставувањето на дијагнозата со цел да се прекине прогресијата на болеста и можноста за пренесување на инфекцијата.
Референци:
- CDC. MMWR. 1998;47(RR-19):1-39.
- Dienstag JL. Sexual and perinatal transmission of hepatitis C. Hepatology 1997;26:668S–69S.