Лимфом

Лимфомите се малигни заболувања на лимфоцитите, клетки на лимфниот систем.

Лимфниот систем е дел од одбрамбениот/имунолошкиот систем на телото и се состои од меѓусебно поврзани лимфни садови, лимфни јазли и органи кои вклучуваат: коскена срцевина, тимус, слезина и крајници. Лимфниот систем е исполнет со безбојна течност наречена лимфа и содржи лимфоцити, еден вид на бели крвни клетки кои се борат против инфекција.

Лимфомите се јавуваат кога се развиваат абнормални лимфоцити кои почнуваат неконтролирано да се размножуваат.

Овие малигни заболувања обично се прикажани преку зголемување/отекување на еден или повеќе лимфни јазли како резултат на акумулација на малигни лимфоцити во нив. Лимфомите може да се појават и во други органи (најчесто во коскената срцевина, слезината и црниот дроб), бидејќи лимфоцитите циркулираат низ целото тело.

Постојат повеќе од 90 типа на лимфоми, а двете главни категории се: Хочкинов и Не-Хочкинов лимфом (НХЛ).

Најчесто дијагностицирани лимфоми се не-Хочкиновите лимфоми. Според клиничкиот тек на болеста, лимфомите можат да се поделат на индолентни и агресивни. Индолентните лимфоми имаат бавен тек и пациентите можат да живеат со нив со години, понекогаш и без третман. Агресивните лимфоми се типични малигни болести, кои се карактеризираат со прогресивна прогресија која бара итен неодложен третман. Хочкиновиот лимфом според клиничкиот тек одговара на агресивен лимфом. Двете најчести форми на НХЛ се дифузен Б-големоклеточен лимфом (ДБГЛ) и фоликуларен лимфом (ФЛ). ДБГЛ припаѓа на групата агресивни, брзорастечки лимфоми, додека ФЛ е индолентен, бавно растечки лимфом, кај кој симптомите честопати се појавуваат постепено и може да поминат незабележано подолг период, па затоа оваа форма на лимфом често се дијагностицира во напредната фаза на болеста.

Идентификувањето на подтиповите на НХЛ при поставување на дијагноза е важно, бидејќи различните подтипови имаат различен тек на болеста, што значи дека може да бараат различен третмански пристап.

Најчестите симптоми на НХЛ се:

  • безболно зголемување/отекување на лимфните јазли

  • ноќно потење

  • - треска, без очигледна причина

  • необјаснето губење на тежината и постојан замор кој трае долго време

  • кашлица

  • постојано чешање по телото

  • необјаснета болка во градите, стомакот или коските.

Целта на третманот на НХЛ е да уништи што е можно повеќе малигни лимфоцити и да го доведе пациентот во состојба на комплетна ремисија.

Комплетна ремисија претставува исчезнување на сите знаци на лимфом, кое може да се види со употреба на денешните дијагностички методи. Кај одредени подтипови на НХЛ, комплетна ремисија значи и излекување - болеста никогаш повеќе не се враќа; додека кај другите, по период на ремисија, се враќаат знаците на болеста, односно болеста релапсирала и потребно е повторно лекување.

Изборот на третман на НХЛ зависи од подтипот на лимфомот, видот на зафатените лимфоцити, стадиумот на болеста, возраста на пациентот, присуството на симптоми како и вклученоста на други органи (освен лимфните јазли). Тоа вклучува неколку опции:

  • стратегија „Watch and Wait“

  • зрачна терапија

  • хемотерапија

  • имунотерапија вклучувајќи моноклонални антитела

  • радиоимунотерапија

  • трансплантација

Стратегија „Watch and Wait“

Оваа стратегија претставува пристап во кој нема активен третман, но пациентот редовно се следи. Лекарот може да ја одбере оваа опција кај пациенти кои имаат индолентен (бавнорастечки) лимфом и чии симптоми не се присутни. Изборот на оваа стратегија не значи дека лекарот не сака да го лекува пациентот туку дека во овој момент нема потреба од третман. Ако болеста напредува ќе се започне со соодветен третман што е можно поскоро.

Зрачна терапија

Зрачна терапија или радиотерапија е употреба на Х-зраци за уништување на малигни клетки. Радиотерапијата ретко се користи како самостојна терапија, во повеќето случаи се комбинира со други третмански опции.

Хемотерапија

Хемотерапевтските лекови (цитостатици) ги убиваат малигните клетки на начин што ја спречуваат нивната делба и раст. Овие лекови не се специфични за малигните клетки, исто така ги уништуваат и здравите, брзорастечките клетки. Постојат многу различни хемотерапевтици, од кои некои можат да се администрираат самостојно, но обично се комбинираат за третман на НХЛ. Видот на хемотерапија кој треба да се администрира зависи од видот на лимфомот. Честопати хемотерапијата се комбинира со други видови на терапија, како што се моноклоналните антитела.

Имунотерапија

Имунотерапија претставува третман кој дејствува преку стимулирање на имунолошкиот систем на пациентот да ги препознае и уништи малигните клетки.

Моноклонални антитела

Моноклонални антитела се биолошки лекови (лекови произведени од живи клетки) кои препознаваат специфични целни структури (протеини/антигени) на малигните клетки. По врзување за антигените, моноклоналните антитела ја уништуваат малигната клетка и/или го стимулираат имунолошкиот систем на пациентот да ги нападне и уништи малигните клетки. Моноклоналните антитела можат да се користат сами или во комбинација со хемотерапија.

Радиоимунотерапија

Радиоимунотерапија е третманска стратегија која користи моноклонални антитела кон кои е конјугиран радиоизотоп. Уништувањето на малигните клетки се постигнува преку комбинација на зрачење и имунотерапија.

Трансплантација

Кај некои пациенти, кога лимфомот повеќе не може ефикасно да се лекува со соодветна терапија, потребен е нов третмански пристап. Целта е да се уништат малигните клетки, но исто така се уништува и коскената срцевина на пациентот. Овие пациенти последователно не се во состојба да ја обноват функцијата на коскената срцевина и да произведуваат крвни клетки и имаат потреба од трансплантација (автологна или алогена) на хематопоетски матични клетки. При автологна трансплантација, хематопоетски матични клетки се собираат од периферната крв на самиот пациент пред да примат високи дози на хемотерапија, се складираат и се враќаат во пациентот откако добиле високи дози на хемотерапија. За да се користат сопствени матични клетки, коскената срцевина не смее да биде инфилтрирана со лимфомски клетки. Кај алогената трансплантација, уништената коскена срцевина се заменува со крвни клетки добиени од дарител што одговара.

Референци:

  1. National Cancer Institute: Dictionary of Cancer Terms. пристапено: јуни 2019 г.

  2. National Cancer Institute: Dictionary of Cancer Terms. пристапено: јуни 2019 г.

  3. Lymphoma Research Foundation. About lymphoma.пристапено: јуни 2019 г.

  4. Lyon, France: IARC Press. World Health Organization Classification of Tumors of Haematopoietic and Lymphoid Tissues. 2008.

  5. Getting the Facts. Non-Hodgkin Lymphoma. https://www.lymphoma.org/wp-content/uploads/2017/07/LRF_FACTSHEET_NON_HODGKIN_LYMPHOMA.pdf, пристапено: јуни 2019 г.

  6. National Cancer Institute: Adult NHL.пристапено: јуни 2019 г.

  7. Understanding Non-Hodgkin Lymphoma. пристапено: јуни 2019 г.

Повеќе приказни

Види ги сите приказни

Повеќе прикази на случаи во хематологијата

Погледни подетално во хематологијата

Информациите на веб страницата имаат само информативен карактер и не можат да се сметаат како медицински совет.

КонтактВо светотlinkedinfacebooktwitterinstagramyoutubeCovid-19ЛековиКариераНовостиПерсонализирана здравствена заштитаИзјава за заштита на приватностаПравна изјава