Податоците за COVID-19 кај лица со малигни болести во моментот се многу ограничени, но се чини дека овие лица се изложени на поголем ризик од заразување и би се соочиле со потежок тек на болеста. Исто така, оваа група на лица се соочува и со поголем ризик од компликации, па затоа треба да превземат ригорозни мерки за заштита од вирусот. Препораките се однесуваат за лицата кои го веќе го завршиле третманот но и за пациентите кои сеуште се на третман.

 

Општи и специфични препораки за лица од особен ризик поврзан со COVID-19

(стари лица, срцево болни, лица со дијабетес, респираторни заболувања, болести кај кои е намален имунитетот, малигни болести)

 

  • Времето за развој на болеста од иницијалниот контакт со заразено лице изнесува од 2-14 дена
  • Не постои превентивна терапија ниту соодветен лек
  • Изолацијата и социјалното дистанцирање е единствена превенција за да се заштитите
  • Ограничете ги секојдневните контакти, држете се настрана од болни лица, избегнувај блиски контакти и мијте ги рацете редовно
  • Избегнувајте патувања и средини со многу луѓе
  • Останете дома што е можно повеќе за да се намали ризикот да дојдете во контакт со вирусот
  • Контактирајте го Вашиот лекар за да обезбедите доволна количина специфична и симптоматска терапија за третман на вашата основна болест и други симптоми

Практикувај секојдневно!

  • Мијте раце често со сапун и вода најмалку 20 секунди, особено по дување на нос, кашлање или кивање или по посета на јавни простории
  • Доколку немате сапун и вода користете средство за дезинфекција на раце кое има најмалку 60% алкохол
  • Избегнувајте допирање на површини кои се користат фреквентно при движење во јавни простории како копчиња на лифтови, врати и слично. Користете марамче или хигиенска хартија доколку треба да допрете нешто
  • Мијте ги рацете по допирање на површини во јавни простории
  • Избегнувајте да го допирате носот, устата, очите
  • Чистете и дезинфицирајте го сопствениот дом: редовно пребришувајќи ги често користените површини во домот (врати, прекинувачи за светло, рачки, бироа, тоалети, мијалници, мобилни телефони и слично)
  • Секојдневно дистанцирајте се од други лица, особено тие што се заболени
  • Седете дома колку што е можно повеќе
  • Размислете за алтернативни начини за достава на храна во домот преку роднини, пријатели или сервиси за достава
  • Останете во контакт со пријателите, роднините, соседите преку телефон или е-маил. Побарајте помош од нив или од социјален работник доколку се разболите
  • Доколку се разболиш или не се чувствуваш добро контактирај го твојот лекар телефонски за совети како да постапиш при симптоми на COVID-19
  • Доколку сте инфицирани, но симптомите не се сериозни можете да оздравите во вашиот дом

 

Специфични препораки за пациенти со малигни болести

  • Почитувајте ги без исклучок, сите мерки препорачани од Владата и Министерството за здравство
  • Следете го редовниот план за третман на малигната болест во консултација со Вашиот лекар. Нема специфични причини поврзани со COVID-19 за прекин на третманот, освен доколку лекарот кој ја води вашата болест не проценил поинаку во конкретниот случај
  • Не постои потреба од превентивна антивирусна терапија поврзана со ризикот од COVID-19 за пациентите со намален имунитет од оваа група
  • Кај пациентите со дијагностицирана COVID-19 инфекција, треба да се ревидира стандардниот план за менаџмент на малигната болест во насока на одложување или промена на третманот исто како што е случај кај сите пациенти со активна инфекција

 

Препораки за пациенти со малигна болест кои го завршиле третманот и оние кои сè уште се лекуваат

Се препорачуваат следниве постапки за зачувување на хигиената и здравјето:

  • Избегнувајте, кога е можно, присуство во простории со многу луѓе; преферирајте самоизолација
  • Ставете маска (обична, хируршка маска) надвор од дома, особено при евентуални посети на болница при контрола, испитувања и/или третман
  • Правилна и честа хигиена на рацете според препораките на Светската здравствена организација
  • Избегнувајте посети во Вашиот дом на лица од Вашето семејство или пријатели со респираторни симптоми и/или ако доаѓаат од ризични места
  • Доколку немате можност да работите од дома, на работното место одржувајте растојание од најмалку еден метар (подобро два) од колегите кај кои се присутни респираторни симптоми, предложете им да носат маска

 

Специфични препораки за пациентите со малигни болести кои се лекуваат со цитостатска, зрачна терапија или со имунотерапија

  • Јавете се на лекарот кој ја води Вашата болест за детални информации како е организиран континуитетот на третманот кој Ви е неопходен. Целта на континуираниот третман е да се обезбеди непрекинат интензитет на дозата на лекот, за да се избегне негативно влијание врз прогнозата на болеста што во моментот се лекува, а воедно пациентот да не се изложи на дополнителен ризик

Специфични препораки за пациентите со малигни болести кои го завршиле третманот

  • Доколку е препорачливо, во договор со Вашиот лекар одложете ги редовните посети за контролни прегледи и останати потреби.

 

Извори:

  1. Center for Disease Control and Prevention, 2020. Coronavirus (COVID-19) - If You Are at Higher Risk, достапно на: 
    https://www.cdc.gov/coronavirus/2019-ncov/specific-groups/high-risk-complications.html.
  2. World Health Organisation, 2020. Coronavirus disease (COVID-19) advice for the public, достапно на: https://www.who.int/emergencies/diseases/novel-coronavirus-2019/advice-for-public.
  3. Italy. Ministry of health, 2020. COVID-19, recommendations for cancer patients, достапно на: 
    http://www.salute.gov.it/portale/nuovocoronavirus/dettaglioNotizieNuovoCoronavirus.jsp?lingua=italiano&menu=notizie&p=dalministero&id=4200.
  4. Liang, W., et al., Cancer patients in SARS-CoV-2 infection: a nationwide analysis in China. Lancet Oncol, 2020, достапно на: 
    https://www.thelancet.com/journals/lanonc/article/PIIS1470-2045(20)30096-6/fulltext.
  5. Министерство за здравство, Република Северна Македонија, 2020. Сите информации, препораки, прашања, одговори и вистини за корона вирусот, достапно на: http://zdravstvo.gov.mk/korona-virus/.