Европската агенција за лекови додели PRIME ознака на лекот risdiplam за третман на спинална мускулна атрофија

  • Risdiplam има потенцијал да биде прв орален лек за третман на СМА тип 1, 2 и 3; ретка и онеспособувачка генетска болест која најчесто се дијагностицира кај деца

  • Европската агенција за лекови доделува PRIME (PRIORITY MEdicines) статус на лекови кои можат да понудат голема терапевтска предност во однос на моменталните третмани, или да имаат бенефит за пациентите без третмански опции

  • Risdiplam во моментов се испитува во три глобални, мултицентрични клинички студии кај сите типови на СМА

„Рош“ неодамна објави дека Европската агенција за лекови (анг. ЕМА, European Medicines Agency) му додели PRIME (PRIORITY MEdicines) ознака на истражувачкиот орален лек risdiplam (RG7916) за третман на лица со СМА. PRIME ознаката се доделува од страна на ЕМА како поддршка на процесот на генерирање податоци и развој за лекови кои ветуваат, обезбедувајќи патека за забрзана евалуација од страна на Агенцијата, со цел лекот потенцијално да биде достапен за пациентите порано.1 Risdiplam, орално администриран, модификатор за спојување на генот за преживување на моторен неврон-2 (SMN2), покажал подобрување во моторната функција кај лицата со СМА тип 1, 2 и 3.2,3 Клиничките докази сугерираат дека СМА е мултисистемско нарушување и губитокот на SMN протеинот може да влијае на многу ткива и клетки надвор од централниот нервен систем.4 Risdiplam се дистрибуира системски и е дизајниран трајно да ги зголеми нивоата на SMN протеини во централниот нервен систем и низ телото.5

„Рош“ го води клиничкиот развој на risdiplam како дел од соработката со SMA Foundation и PTC Therapeutics.

„СМА е водечка генетска причина за смрт кај мали деца, а семејствата и лекарите продолжуваат да бараат алтернативни третмански опции за оваа прогресивна и живото-загрозувачка болест", изјави д-р Сандра Хорнинг, Главен медицински директор и Шеф на одделот за развој на производи во „Рош“. „Одлуката на ЕМА за доделување на ознаката PRIME го препознава потенцијалот на оралниот системски лек risdiplam со цел да испорача клинички значајни резултати за пациентите и да одговори на континуираните медицински потреби во СМА."

PRIME ознаката за risdiplam се базира на податоците од првиот дел од регистрационите студии FIREFISH (проценка на безбедноста и одредување на дозата кај доенчиња со СМА тип 1) и SUNFISH (кај деца и возрасни со СМА тип 2 и 3), како и постојанaта медицинска потреба за алтернативни третмански решенија и опции за администрација кај пациентите со СМА.

Прелиминарните податоци од првиот дел од студијата FIREFISH, кои беа презентирани на конгресот на World Muscle Society (WMS) 2018, покажаа дека доенчињата со СМА тип 1 лекувани со risdiplam ги исполнуваат развојните фази, вклучувајќи седење без поддршка.3

*Пресек на податоци: 7 септември 2018

Деветнаесет од 21 пациент (90%) лекувани со risdiplam останале живи, додека двајца пациенти го прекинале третманот поради фатална прогресија на нивната болест.3 Ниту едно новороденче немало потреба од трахеостома или постојана вентилација по вклучување во студијата, и ниту едно новороденче не ја изгубила способноста за голтање.3 Најчестите несакани настани биле треска (пирексија, 52,4%), дијареа (26,8%), инфекции на горниот респираторен тракт (19%), инфекции на уво (14,3%), пневмонија (14,3%), опстипација (14,3%), повраќање (14,3%), кашлица (14,3%) и воспаление на горниот респираторен тракт (14,3%).3

Прелиминарните податоци од првиот дел од студијата SUNFISH во СМА тип 2 и 3, исто така презентирани на конгресот на WMS 2018, покажаа средно >2 кратко зголемување на нивото на SMN протеинот во крвта по 12 месеци од започнување на третманот.2 Кај пациентите лекувани со risdiplam во траење од најмалку 1 година (n=30), средната промена на почетните вредности во мерењата на моторната функција (анг. MFM, Motor Function Measure), примарна крајна цел во делот од студијата SUNFISH за потврда и скала која се користи за проценка на моторната функција кај невромускулни заболувања, покажале подобрувања од 3,1 поени.

*Пресек на податоци: 6 јули 2018

Пријавени сериозни несакани настани биле гадење (4%), инфекција на горниот респираторен тракт (4%) и повраќање (4%).2

Досега не се пријавени безбедносни сигнали поврзано со лекот кои довеле до повлекување од студиите FIREFISH или SUNFISH.

СМА е тешка, вродена, прогресивна невромускулна болест која предизвикува тешки мускулни атрофии и компликации поврзани со болеста.Таа е најчестата генетска причина за смртност кај доенчиња и една од најчестите ретки болести која се јавува кај приближно едно бебе на 11.000.7 СМА води кон прогресивен губиток на нервните клетки во 'рбетниот мозок кои го контролираат движењето на мускулите.4 Во зависност од видот на СМА, физичката сила на поединецот и нивната способност за движење, јадење или дишење може значително да се намалат или изгубат.8

СМА е предизвикана од мутација во генот за преживување на моторните неврони 1 (анг. survival motor neuron 1, SMN1) кое резултира со недостаток на SMN протеинот.4 SMN протеинот се наоѓа насекаде во телото и голем број докази покажуваат дека губењето на SMN протеинот може да влијае на многу ткива и клетки, кое може да предизвика телото да престане да функционира нормално.9

Risdiplam е орален лек во фаза на истражување кој се дистрибуира системски со цел да ги зголеми нивоата на SMN протеинот во ЦНС и низ телото.5 Дизајниран е да му помогне на генот SMN2 да произведе пофункционален SMN протеин, со цел подобра поддршка на моторните неврони и мускулната функција.5

„Рош“ го води клиничкиот развој на risdiplam во соработка со SMA Foundation и PTC Therapeutics. Risdiplam во моментов се испитува во три мултицентрични студии кај лица со СМА:

  • FIREFISH (NCT02913482) – отворена студија, во два дела, регистрациона клиничка студија кај доенчиња со СМА тип 1. Првиот дел беше студија за ескалација на дозата во кој беа вклучени вкупно 21 новороденче. Примарна цел на првиот дел беше да се процени безбедносниот профил на risdiplam кај доенчиња и да се одреди дозата за вториот дел. Вториот дел е регистрациона студија во една гранка каде се евалуира risdiplam кај 41 доенче со СМА тип 1 во траење од 24 месеци, проследено со отворен продолжеток на студијата. Примарна цел на вториот дел е да се процени ефикасноста мерена според пропорцијата на новороденчиња кои седат без поддршка 12 месеци по започнување на третманот, проценето според Gross Motor Scale of the Bayley Scales of Infant and Toddler Development – Third Edition (BSID-III) (дефинирано како седење без поддршка за 5 секунди).

  • SUNFISH (NCT02908685) – во два дела, двојно слепа, плацебо-контролирана регистрациона клиничка студија кај деца и млади лица (од 2-25 години) со СМА тип 2 и 3. Првиот дел од студијата имаше за цел да ја одреди дозата која беше потврдена во вториот дел. Регрутацијата на 180 рандомизирани пациенти во вториот дел беше завршена во септември 2018 година.

  • JEWELFISH (NCT03032172) - отворена студија кај лица со сите типови на СМА на возраст од 6 месеци до 60 години кои претходно биле лекувани со SMN таргет лекови, вклучувајќи го и olesoxime.

Нова студија, RAINBOWFISH ќе биде иницирана на почеток на 2019 година кај лица со пред-симптоматска СМА.

Невронауката е еден од главните фокуси на истражувањата и развојот во „Рош“. Целта на компанијата е да се развијат третмански опции кои се базираат на биологијата на нервниот систем со цел да им се помогне на лицата со хронични и потенцијално онеспособувачки болести, да го подобрат нивниот живот. „Рош“ во своето портфолио има неколку лекови кои се во фаза на истражување и клинички развој за невролошки болести вклучувајќи: Алцхајмерова болест, спинална мускулна атрофија, Паркинсонова болест, Хантингтонова болеста и аутистичен спектар на нарушување.

„Рош“ е глобален пионер на полето на фармацијата и дијагностиката насочен кон унапредување на науката заради подобрување на животот на луѓето. Обединетите сили на фармацијата и дијагностиката под еден покрив го направија „Рош“ лидер во персонализираната медицина - стратегија чија цел е лекувањето да се приспособи кон секој пациент на најдобар можен начин.

„Рош“ е најголемата биотехнолошка компанија во светот, со вистински диференцирани производи во областа на онкологијата, имунологијата, заразните болести, офталмологијата и болестите на централниот нервен систем. Исто така, „Рош“ е светски лидер за ин-витро дијагностика, ткивна канцер-дијагностика и предводник во контролата на дијабетесот.

Основан во 1896 година, „Рош“ и натаму бара подобри начини за спречување, дијагностицирање и лекување на болестите, и дава одржлив придонес кон општеството. Компанијата е насочена и кон подобрување на пристапот на пациентите до медицински иновации, преку соработка со сите релевантни чинители. Триесет лекови развиени од „Рош“ се вклучени во модел-листите со основни (есенцијални) лекови на Светската здравствена организација, меѓу кои и антибиотици за спасување на животот, антималарици и лекови против рак. Десет години по ред, во Индексите за одржливост на Dow Jones (DJSI), „Рош“ е потврден како лидер на групацијата во смисла на одржливост, во рамките на индустријата за лекови, биотехнологија и природните науки.

Групацијата „Рош“ со седиште во Базел, Швајцарија, е активна во повеќе од 100 земји. Во  2017 година бројот на вработените беше повеќе од 94.000 луѓе ширум светот. Во 2017 година, „Рош“ инвестираше 10,4 милијарди швајцарски франци во истражување и развој и прикажа продажба од 53,3 милијарди швајцарски франци. Genentech, во Соединетите Американски Држави, е членка во целосна сопственост на групацијата „Рош“. „Рош“ е мнозински акционер на Chugai Pharmaceuticals, Јапонија.

За повеќе информации, Ве молиме посетете ја страницата Сите заштитени имиња употребени или споменати во ова соопштение се заштитени со закон.

Референци:

  1. European Medicines Agency. PRIME Designation. 2018. Достапно на:пристапено: декември 2018.

  2. Mercuri E et al. SUNFISH Part 1: Risdiplam (RG7916) treatment resulted in a sustained increase of SMN protein levels and improvement in motor function in patients with Type 2 or 3 SMA. In: Proceedings of the 23rd International Annual Congress of the World Muscle Society Congress; 2–6 Oct 2018; Argentina: WMS; 2018. Poster nr 255.

  3. Baranello G et al. FIREFISH: Risdiplam (RG7916) improves motor function in babies with Type 1 SMA. In: Proceedings of the 23rd International Annual Congress of the World Muscle Society Congress; 2–6 Oct 2018; Argentina: WMS; 2018. Poster nr 258.

  4. Kolb SJ and Kissel JT. Spinal muscular atrophy. Neurol Clin. 2015;33:831-46.

  5. Ratni H et al. Discovery of risdiplam, a selective survival motor neuron-2 (SMN2) gene splicing modifier for the treatment of spinal muscular atrophy (SMA). J Med Chem. 2018;61:6501-17.

  6. Farrar MA and Kiernan MC. The genetics of spinal muscular atrophy: progress and challenges. Neurotherapeutics. 2015;12:290- 302.

  7. Cure SMA. About SMA. 2018. Достапно на:пристапено: декември 2018.

  8. Spinal Muscular Atrophy UK. What is spinal muscular atrophy? Достапно на: http://www.smasupportuk.org.uk/what-is-spinal-muscular-atrophy. пристапено: декември 2018.

  9. Hamilton G and Gillingwater TH. Spinal muscular atrophy: going beyond the motor neuron. Trends Mol Med. 2013;19:40-50.

Информациите на веб страницата имаат само информативен карактер и не можат да се сметаат како медицински совет.

КонтактВо светотlinkedinfacebooktwitterinstagramyoutubeCovid-19ЛековиКариераНовостиПерсонализирана здравствена заштитаИзјава за заштита на приватностаПравна изјава