Грип или „инфлуенца“ е многу заразно вирусно заболување кое најчесто се јавува во есенските и зимските месеци (од октомври до април на северната хемисфера). Симптомите се појавуваат бурно и го зафаќаат целиот организам.

Типично се зафатени горните и долните респираторни патишта (носот, синусите, грлото, белите дробови и средното уво).

Инфлуенцата е предизвикана од вирусот на инфлуенца (сезонски грип). Постојат неколку типови на инфлуенца вируси А, Б, Ц и Д. Вирусот тип А (H1N1) и тип Б се најчести причинители на сериозни епидемии и пандемии во светски рамки.

За сериозноста на грипот и неговото влијание врз целокупното здравство во една држава, зборува и фактот дека за време на епидемија со грип посетите на пациентите кај матичните лекари се зголемуваат за 140-150 пати, што секако претставува зголемување на трошоците за здравствениот систем.1

Секоја година, глобално грипот се појавува во просечна стапка од 5-10% кај возрасните лица и од 20-30% кај децата2, односно кај околу 3-5 милиони лица годишно.Тоа може да доведе до зголемен број на хоспитализација и смртни случаи најмногу кај високо ризичните групи на лица (мали деца, стари лица или хронично болни).Податоците од едно големо болничко истражување спроведено во САД, покажаа дека бројот на хоспитализации е зголемен за 100-170% во тек на епидемија на грип1, или тоа изнесува околу 650.000 хоспитализации во светот секоја година.1

Грипот исто така може да предизвика значителен економски ефект врз работоспособноста на населението. Една студија која го разгледувала влијанието на грипот врз отсуствата од работното место, објавила дека во индустријализираните земји, до 61 милиони работни денови се губат поради грип секоја година, а просечниот број на изгубени работни денови изнесувал од 3,7-5,9 дена.3,4 Вкупниот проценет трошок од типична сезонска епидемија на грип во развиените земји може да достигне до 63 милиони американски долари на 1 милион жители.5 Само во САД, вкупниот економски товар бил проценет на 87,1 милијарди американски долари годишно.6

За жал сеуште најголем дел од пациентите, за намалување на симптомите на грипот најчесто употребуваат помошни лековити средства, меѓутоа овие агенси не делуваат на самиот вирус, така да болеста продолжува да се развива зголемувајќи го ризикот од секундарни компликации (бронхитис, синузитис, воспаление на уво, пневмонија, миокардитис, енцефалитис и др).

Важна превентивна стратегија против грипот претставува вакцинацијата на високоризичните групи на лица.

Научните истражувања последните години доведоа до пронаоѓање на нова група лекови кои делуваат на самиот вирус на грипот спречувајќи го размножувањето на вирусот. Се препорачува антивирусните лекови да се земат веднаш штом се појават првите симптомите (во првите 48 часа) на болеста.1

Референци:

  1. WHO. Influenza (Seasonal). достапно на:пристапено: август 2019 година.

  2. Nguyen-Van-Tam JS. Epidemiology of influenza. In: Textbook of Influenza (Nicholson KG, Webster RG, Hay AJ, eds.). Oxford: Blackwell Science Ltd, 1998: 181–206.

  3. Klesper. Drugs 2014;74(13):1467-1479.

  4. Keech et al. Pharmacoeconomics 2008;26:911-924.4. 

  5. Commission of the European Communities. Proposal for a COUNCIL RECOMMENDATION On seasonal influenza vaccination. достапно на: http://ec.europa.eu/health/ph_threats/com/Influenza/docs/seasonflu_rec2009_en.pdf. пристапено: август 2019 година.

  6. Young-Xu et al. PLOS One 2017;12(1):e0169344.

Информациите на веб страницата имаат само информативен карактер и не можат да се сметаат како медицински совет.