Карцином на дојка кај женскиот пол е најчесто дијагностициран карцином и водечка причина за смрт од рак. На светско ниво, има околу 2,1 милиони ново дијагностицирани случаи на карцином на дојка кај жени во 2018 година, што претставува скоро 1 од 4 случаи на карцином кај жени.1
Постојат неколку видови на карцином на дојка, кои можат да се класифицираат врз основа на протеините (познати како рецептори) кои ја обложуваат површината на клетките на карциномот. Овие протеини играат важна улога во развојот на туморот, преку сигнализирање на клетките да растат и да се делат.
Секој вид карцином на дојка се идентификува со присуство или отсуство на три рецептори кои се наоѓаат на површината на клетките: рецепторот на естроген (ER), рецепторот на прогестерон (PR) и рецепторот за хуман епидермален раст 2 (HER2).2 При дијагностицирање, се потврдува дали лицата се позитивни или негативни за повеќе од еден од овие рецептори.
Карцином на дојка се смета за HR-позитивен кога малигните клетки произведуваат абнормални количини на рецептори за хормоните, естроген и/или прогестерон. Овој вид на карцином на дојка е најчестиот вид кој се јавува кај околу 80% од случаите.2 Бидејќи овие хормони сигнализираат клетките да растат и да се делат, има премногу рецептори на површината на клетката и може да предизвика неконтролиран раст и формирање на тумор. HR-позитивните карциноми на дојка најчесто се лекуваат со лекови, познати како хормонски терапии, кои ја блокираат активноста на ER и/или PR или го намалуваат нивото на хормоните.
HER2-позитивен карцином на дојка се карактеризира со клетки кои прекумерно произведуваат HER2 протеин. Претставува приближно 20% од сите карциноми на дојка. Овој вид на карцином на дојка може да биде особено агресивен. Ако не се лекува, тоа е поврзано со побрза прогресија на болеста и помали шанси за преживување во споредба со HER2-негативната болест (т.е. клетки на карцином на дојка кои се обложени со нормални количини на HER2 протеин).3 Денес достапни се третмани кои специфично се насочени кон HER2, блокирајќи ги сигналите што го предизвикуваат карциномот и размножувањето на клетките на карциномот.
Тројно-негативен карцином на дојка (анг. Triple negative breast carcinoma, TNBC) е редок вид на карцином на дојка, кој опфаќа околу 10-20% од сите карциноми на дојка.4 Овој вид нема рецептори за естроген и прогестерон и не произведува HER2 протеини. Механизмите што управуваат со овој вид карцином се во голема мера непознати, што го прави особено тежок за лекување.
Познавањето на видот на карцином на дојка кај пациентот е важно, бидејќи додека некои третмани како што се хирургија и радиотерапија (зрачна терапија) може да бидат слични кај различни видови на карцином на дојка, третманите со лекови како што се хемотерапија, хормонска терапија, насочени терапии и имунотерапијата ќе се разликуваат помеѓу различните видови на карцином.5
Кога ќе се дијагностицира, на пациентите ќе им биде соопштен стадиумот на болеста. Ова укажува на тоа колку е голем карциномот и колку e проширен (ако воопшто е проширен). Стадиумот е важен бидејќи им помага на докторите да одлучат за најдобриот третман при лекување на пациентот. Општо земено, колку е понапреднат карциномот, толку е потешко да се лекува и полошата прогноза е поверојатна.6
Повеќето случаи на карцином на дојка се дијагностицираат во рана фаза, пред карциномот да се прошири надвор од дојката.7,8 Кога се лекува во оваа рана фаза, има најголеми шанси карциномот на дојка да се излекува.9 Пристапот за третман на eBC е сеопфатен и може да вклучува третман пред и по операцијата за отстранување на канцерогените клетки и спречување на нивно враќање.
За жал, на некои пациенти првично им е дијагностицирана напредната фаза на болеста или се случува да дојде до повторна појава на карциномот и да се влоши состојбата по првичниот третман на eBC. Кај пациентите чиј карцином се проширил на други делови од телото велиме дека карциномот метастазирал, во мозокот, црниот дроб, коските. Целта на третманот кај овие пациенти е да се продолжи животот што е можно подолго, истовремено обидувајќи се да ги задржи пациентите да се чувствуваат што е можно подобро, справувајќи се со симптомите и несаканите ефекти на третманот.10
Референци:
Bray, F., Ferlay, J., Soerjomataram, I., Siegel, R.L., Torre, L.A. and Jemal, A., 2018. Global cancer statistics 2018: GLOBOCAN estimates of incidence and mortality worldwide for 36 cancers in 185 countries. CA: a cancer journal for clinicians, 68(6), pp.394-424.
WebMD, Types of Breast Cancer: ER Positive, HER2 Positive, and Triple Negative. Достапно на:
Wolff AC, et al. Journal of Clinical Oncology 2013;31(31):3997-4013.
National Breast Cancer Foundation, Triple Negative Breast Cancer. Достапно на:
Hammond E. Journal of Clinical Oncology 2011;29,15:e458.
Cancer Research UK [Online]. Survival statistics for breast cancer. Достапно на: http://www.cancerresearchuk.org/about-cancer/type/breast-cancer/treatment/statistics-and-outlook-for-breast-cancer.
Пристапено: ноември 2020 г.
Howlader N, et al. [online]. SEER Cancer Statistics Review (CSR). Достапно на:
Cardoso F, et al. Annals of Oncology 2012; 23(suppl 7):vii11-9.
Cancer Research UK [Online]. Why is early diagnosis important? Достапно на:
Cardoso F, et al. Annals of Oncology 2014;25:1871–1888.
Дознајте за различните пристапи кај раниот третман на карциномот на дојка и за улогите и целите на секоја од нив.
Зад секоја дијагноза на карцином на дојка стои лична приказна. Ова видео го потенцира влијанието на дијагнозата на карцином на дојка.
Растот на малигната болест може да остане незабележан. Затоа, клучното е познавањето на раните знаци на карциномот на дојка.